Почетна Интервју Бошко Сибиновски: од фармација до рударска индустрија

Бошко Сибиновски: од фармација до рударска индустрија

СПОДЕЛИ

Успехот доаѓа од студентските денови, како и посветеноста на работата. Патот на успехот на господинот Бошко Сибиновски почнува токму од таму. Како член на многу студентски организации и уметнички клубови, стекнува искуства кои ги користи и во секојдневното работење.

Слободното време го користи да биде со семејството. Се опушта играјќи билијард, а од доверливи извори дознавме дека и неговата ќерка, Теодора, го сака билијардот и е навистина добра во тоа. Во разговор со него, дознавме дека главната пасија му е слушање музика и опуштање со добра книга.

Бошко Сибиновски

Работно.мк: Кое е Вашето прво работно искуство?

Бошко: Откако го завршив факултетот,  почнав да работам во ВЕТФАРМ- веледрогерија за лекови. Од факултет ништо не знаеш. Шест месеци, работев на прием на роба, прием и спремање на порачка, контактирање со колегите.  Со жив контакт се учи материјата. Не смееш да се плашиш. Ги создавав  контактите, работев на продажба, се боревме за удел во пазарот како компанија. Тоа ми беше првото работно место. Така дојдов во позиција да ми нудат работни места во други компании. Го избрав Алкалоид.

Како работник, кој покажал резултати, беа заинтересирани повеќе компании, но Алкалоид беше компанијата за која се одлучив. Првично преговарав за работа во развој и истражување, а тоа требаше да биде продолжување  на истражувачките активности, кој веќе ги водев  во делот на лековити билки, уште како студент. Но животот ме однесе во други води, односно во комерција, планирање и во менаџирање на процесите

Работно.мк: Работните обврски Ве водат надвор од Македонија.  Со какви нови предизвици се соочивте таму и по што најмногу ќе го паметите овој период?

Бошко: По поминати три години во Алкалоид , каде бев на позиција шеф на комерција, од Скопје заминав  за Белград. Таму бев  назначен за  директор на подружница, како што е денес модерно да се каже – ќерка фирма на Алкалоид во Белград.  1993/95 бев во Белград. Таму отидов со задача да го консолидирам тимот на таа фирма по распадот на бивша Југославија. Потоа се вратив во Македонија, добив позиција да работам на извоз во балканските земји Бугарија, Романија,  Албанија. Во период за една година ми беше понудена позицијата – Менаџер за продажби и маркетинг во Македонија. На таа позиција бев до 2000 год. Од 2001 сум регионален менаџер Албанија, Косово, Хрватска, Словенија со задача одржување и развој на пазарите. Во 2007 почнаа првите контакти со Украина со задача да се отвори нов пазар за  производите на Алкалоид.  Требаше  да почнам од нула,  да формирам логистика, да најдам луѓе и да отворам преставништво во Украина. Тоа беа активности од типот  да се формира екипа, да се формира претставништво, да се организира добар маркетинг, добра мрежна дистрибуција и успехот си доаѓа сам по себе.

Бошко Сибиновски

Работно.мк: Во кој од сите овие држави би работеле повторно?

Бошко: Македонија вечна. Македонија секогаш недостасува кога си надвор. Живеев во Белград, прекрасно е, живеев и во Киев, таму каде сонцето не грее.  Зборовите на Миладинов ми ечеа во ушите првите месеци,  бидејќи почнував во зима. Тоа е период кога и сенката на улица не си ја гледаш, тешко е да се одреди и каде е сонцето, но самиот Киев е прекрасен со првите пролетни зраци.  Кога ќе се навикнеш, Киев е многу убаво место за живеење, со изградена култура на живеење во сите погледи,  без разлика на кризите што моментално ги имаат. Кризи имале и порано.  Кога почнував, Украина, влезе во економска криза, тогаш беше најголемата криза во последните 10 год, кога имаа страшен удар како држава и како економија. Во Белград работев за време на војната со Хрватска и Босна. Кризите се нормална работа,  доколку на истите се гледа како можност да се изгради подобро општество. Со таа мисла ја прифатив  и задачата за организација на Алкалоидово Преставништво во Приштина веднаш по конфликтот во 1999.

Конфликти имаше и во Македонија. Како велат, ако не можеш да го исправиш проблемот бадијала се грижиш, ако можеш да го поправиш, исто не треба да  се грижиш. Ситуација не може да те блокира, само бараш нов начин да го решиш проблемот. Затоа е лесно да се менува професија , но не се забораваат основните вредности и секогаш се водам од “Хипократовата заклетва“ и се грижам за добросостојбата и на вработените и на луѓето со кои работам.

Бошко Сибиновски

Работно.мк: Се враќате во Македонија и правите драстична промена во кариерата, влегувате во рударската индустрија. Кои беа мотивите и иницијатори за оваа промена?

Бошко:Во секоја земја каде што работиш создаваш мрежа на пријателства. Познанствата ти помагаат да работиш во таа држава. Во Украина, исто така, имав  мрежа на познанства. Така  ми понудија да бидам менаџер на Сардич, познавајќи ја мојата активност во Украина. По неколку години поминати во Алкалоид, чувствував потреба за промена и за нови предизвици. Така, падна одлуката да ја прифатам новата позиција, а за која требаше да учам од почеток за нова материја. Но,  затоа   нели е предизвик. Човек учи додека е жив. Доколку навистина се водите од желбата да успеете и да креирате нови можности, доколку имате силна волја, успехот е неминовен и доаѓа сам по себе.

Бошко Сибиновски

Работно.мк: А што точно работите, мислам на вашиот дел од работатата во компанијата?Повеќе сте на истражувачкиот или менаџерскиот дел во рудникот?

Бошко: Менаџерската работа ги подразбира сите процеси, прво управувачкиот дел , а тоа значи да се организира комуникација со и помеѓу секоја служба. Кога почнав бев сам, па постепено  се организираа службите. Сите се специјалисти во своето поле во делот на истражување, проектирање и организација. Како компанија имаме повеќе концесии за истражување и тоа се одвива паралелно со проектирањето и изградбата. И тоа е нешто со кое секојдневно се среќавам и го учам. Битно е да си подготвен за учење, не постои ништо што не може да се научи.

Во текот на проектирањето во проектот во кој фокусот беше да се создаде проект за добивање на катоден бакар кој е техно економски одржлив и исплатлив,  но пред се со особен осврт на заштита на животната средина и здравјето и безбедноста на луѓето. Во изработката учествуваа десетици компании кои бројат над 1000 специјалисти и доктори на науки.  Кон проектот се присоедини и Аутотек – финска компанија  која ни ја носи технологијата и е 12-та глобално рангирана на еколошки свесни компании во светот. Значи тие ја прават технологијата за нас. И тие не сакаат да соработуваат  со кого било и затоа правеа проценка не само на компанијата, сопствениците, туку и на сите вработени, менаџментот , па  дури тогаш потпишаа соработка. Проценката ја правеше европски познатата,  ПОИРИ која е врвна компанија во делот на проценка на технологии во делот на влијание врз животната средина.

Сардич МЦ се јавува како концесионер на три концесии за истражување  Казандол е едната концесија,  а имаме уште 2 концесии Плавуш-Валандовско и Петрошница-Старо Нагоричане, каде што вршиме истражување и е дел од Коппер Инвестмент АД. Се работи за британско – украинска инвестиција, но сопствениците формираа акционерско друштво во Македонија со што целиот приход, но и профит од експлоатацијата и производство ќе останува во Македонија

Бошко Сибиновски

Работно.мк: Што е тоа што рудникот во Казандол го прави поразличен од останатите во Европа?

Бошко: Рударството е една од најстарите гранки во историјата на човештвото. Без тоа уште ќе бевме по ниви. Има што да се научи и од биолозите и од рударите. Имплементираме заштита на животна средина, заштита на здравјето на луѓето, првенствено на вработените. Рударскиот Комплекс Казандол претставува примена на најмодерните пристапи во рударството, и ќе претставува пример дека рударството не претставува ништо лошо доколку имате совесен концесионер и ќе опстојува заедно со земјоделството во регионот. Како потврда на тоа,  ќе направиме специјална зелена зона околу рудникот во која ќе се организира органско производство. Веќе почнавме со сертификации. Органското производство најнеобично ми падна. Рудникот сам по себе нема никакви емисии во надворешна средина. Од друга страна органското производство подразбира да нема прскање на пестициди и хербициди. Еден од фунгицидите кој е признаен од органското производство е бакар сулфатот. Бакар сулфатот е растворот кој ние го собираме од хидротехничките објекти т.н.езера кај рудникот. Принципиелно се што ни треба за органско производство имаме во рудникот. Научив  нешто и од земјоделството. Акумулационото езеро ќе го порибиме со органски крап.

Бошко Сибиновски
Дел од досегашните успеси на компанијата

Работно.мк: Во целата трка за подобра кариера, не го заборавате хуманиот дел во животот. Член сте на хуманитарниот меѓународен клуб “Lions”. Кои обврски и убавини ги носи членството во овој клуб?

Бошко: Луѓето често хуманитарната работа ја споредуваат- “знаеш ми останаа малку пари, ме замолија ги дадов таму и ги донирав„. И ти си хуманитарец. Не, хуманизмот е многу повеќе од донирање финансиски средства. Слоганот на Лајонс Интернатионал гали  WE SERVE , Се цени времето што го нудиш во тоа. Значи самиот контакт, не е работата само да ги дадеш парите туку и навистина да помогнеш жртвувајќи дел од своето слободно време. Да помогнеш на одредена фамилија, да помогнеш на одредена група луѓе, да помогнеш на општеството. Една од најдобрите акции зад  кои стои Лајонизмот е и Денот на дрвото во Македонија. Садењето бели рози и понатаму продолжува како симбол на екологијата, затоа што белата роза ги собира тешките метали од почвата. Основната активност е борбата против слепилото и тука дел од клубовите учествуваа во снимање на аудио книги за слепите. Во моментов имаме акција за рано откривање на проблеми со видот кај деца од предшколска возраст. Се купија апарати. Таа активност е организирана од Лајонс заедно со УСАИД, каде се посетуваат градинките .Знаете видот можеш да го вратиш во нормала доколку се дијагностицираат проблемите на време, а ако задоцниш и го направиш после 9-10-та година тогаш веќе е тешко. Дијабетот како предизвикувач на слепилото е исто така активност на која посветуваме внимание, се прават тестирања во школска возраст. Тоа се работни часови кои членовите на Лајонсите ги посветуваат на хуманитарна работа. Во Лајонизмот не се постои директор и менаџер, туку членови посветени на хуманитарната работа кои своите слободни часови ги посветуваат на оваа активност. Инаку би било многу тешко клубот од кој јас потекнувам да реализира било каква активност. Кога има состанок сите сме еднакви Македонија е најуспешен дистрикт годинава во Европа.

Бошко Сибиновски Работно.мк: Кое е Вашето животно мото?

Бошко: Не се плашете од ништо. Кој сака да почне со работа, не треба да се плаши од ништо. Затоа што не постои работа што не може да се заврши, не постои материја која не може да се совлада. Секогаш кога ми било најтешко, сум размислувал, додека не го осетиш материјалот, додека не ја сфатиш материјата која ја работиш, нема успех. Така ја засакав биологијата, понатаму и фармацијата го засакав рударството, почнав да се разбирам со градежниците. Мора да ги разбереш луѓето и мора да ја разбереш материјата. Кога ќе ја разбереш материјата, тогаш е полесно да се разговара.

loading...