Почетна Претприемништво Игор од Сеавус Инкубатор: Пред-акселераторска програма за успешен старт-ап

Игор од Сеавус Инкубатор: Пред-акселераторска програма за успешен старт-ап

СПОДЕЛИ

Игор Изотов е еден од најкомпетентните луѓе кога станува збор за развој на старт-апи, нивната важност и поддршка. Работи во Сеавус Инкубатор и се занимава со развој на нови старт-апи. Чест ни е што ќе можеме да позборуваме со него на оваа тема и се надеваме на добри совети.

Игор Изотов
Игор Изотов

Работно.мк: Кој всушност е Игор, која е твојата улога во Сеавус Инкубатор?

Игор: Здраво, прво честитки за успешното растење на Работно.мк. Ми претставува огромна чест што сум и јас дел од овој портал.

Јас работам во Сеавус Инкубатор од неговото основање на почетокот на 2016 година.Работам како менаџер на заедница, односно се грижам за комуникација со надворешни страни, менторирам старт-апи, а и учествував во креирањето на дел од програмите за старт-апи.

Работно.мк:Како донесе одлука дека ќе се насочиш кон работа со старт-апи?

Игор: Моето претходно искуство е во менаџмент консалтинг и проект менаџмент, каде советував и работев со веќе етаблирани компании. Сепак треба да се знае дека и тие компании во минатото биле мали, но дека успеале да ги надминат предизвиците со кои се соочувале низ годините. Тоа беше една од главните мотивации кога започнав со работа со старт-апи, да помогнам да се изградат компаниите на иднината.

Работно.мк: Ја објавивте втората пред-акселераторска програма. Што опфаќа програмата и кои се може да се пријави?

Игор: Да, пред некој ден ја објавивме втората пред-акцелераторска програма на Сеавус Инкубатор. Истата е наменета за веќе регистрирани старт-апи или старт-апи кои планираат да се регистрираат пред започнување на програмата. Ќе се работи интензивно на различни теми од стратегиско и бизнис планирање, финансии, продажни и маркетинг тактики и канали, финансии до т.н. “pitching” или презентациски вештини. Целата програма ќе заврши со „Инвестициски ден“ на кој сите учесници во програмата ќе имаат можност да ги презентираат своите производи, решенија и компании пред група на ангел инвеститори, институционални инвеститори и фондови на физичен капитал.

пред-акцелераторска програма на Сеавус Инкубатор
Пред-акцелераторска програма на Сеавус Инкубатор

Работно.мк: Кои бенефити би ги имале старт-апите од ваква програма?

Игор: Учесниците на претходната програма велат дека бенефитите се долгорочни. Голем дел од нив со помош на оваа програма ги редефинираа своите бизнис планови, започнаа да размислуваат поглобално, а друг дел веќе имплементираат алатки и методи кои им беа пренесени од менторите. Некои од најголемите предности што самите стартапи ги увидоа се вмрежувањето, работа со докажани ментори и професионалци, како и пристапот до инвеститори кои би можеле да помогнат со финансирање на стартапот.

Работно.мк: Ова е втората програма по ред во Ваша организација. Какви се впечатоците од првата, дали има веќе некој успешен старт-ап и кои се очекувањата од новата програма?

Игор: Впечатоците се далеку од позитивни. Со првата пред-акцелераторкса програма докажавме дека и во Македонија може да имаме ментори и претприемачи од светски ранг како Алан Шаф од imgur.com или Еди Демај од rocketfiber.com кој воедно е и партнер во брзо-растечкиот албански стартап Gjirafa.com. На нив им се придружија плејада од други ментори кои имаат работено на речиси сите контитенти во светот, а во нивните портфолија стојат компании од Fortune 500 листата. Програмата заврши со Инвестициски ден каде инвеститорите имаа интерес за дел од стартапите од нашата програма и кои подоцна продожија со дирекни преговори. Сакам да напоменам дека Сеавус Инкубатор не е инвеститор и наша цел е да ги подготвиме и вмрежиме стартапите со инвеститорите, односно да им овозможиме пристап до финансии.

Работно.мк: Што е потребно за да имаме здрава клима за старт-апи и дали сме на правиот пат да ја изградиме?

Игор: Секако дека сме на добар пат да го изградиме идеалниот еко-систем за поддршка и работа со старт-апи. Ние во Сеавус Инкубатор секојдневно се трудиме утре да е подобро од денес. Но, сепак мора да признаеме дека сме далеку зад успешно-развиените еко-системи како тие во Америка, Израел и Западна Европа. Како што еден наш гостин од Израел пред некое време потенцираше, Македонија ги има сите предуслови да стане Балкански старт-ап центар, бидејќи имаме девелопери со солидни познавања и многу креативни млади луѓе. Секако, треба да бидеме истрајни во нашите идеи и да работиме на нив секој ден.

Работно.мк: Која е твојата порака до сите оние кои имаат идеја, но уште не навлегле во нејзина реализација?

Игор: Нема подобро време за почнување на бизнис од денес и вчера – утре е веќе доцна.