Почетна Интервју Илина од sozdadi.com – платформа за креативци

Илина од sozdadi.com – платформа за креативци

СПОДЕЛИ

Прочепкавме малце и дознавме за Илина Вељановска, македонски иноватор кој сака да создаде регионална онлајн заедница која ќе ги поврзе и ќе им даде поддршка на малите бизниси. Ја исконтактиравме и позборувавме со неа што точно работи и која е промента која Илина сака да ја направи во нашето општество.

Илина од sozdadi.com

Работно.мк: Која е Илина и како започнува твојата професионална кариера?

Илина: Моето име е Вељановска Илина, млад човек со огромна желба, визија и мисија да креира подобро општество за себе и за идните генерации. Волонтирам од најрана возраст и вклучена сум во разни проекти и активности. Најпрво започнав да работам во сферата на правото, како студент по правни науки. Својата кариера ја продолжив во невладиниот сектор, па таму научив како да бидам проактивна и самата да преземам иницијативи. Сосема случајно се запознав со наградата за социјално претприемништво, која ме втурна во улогата на социјален иноватор и ме запозна со концептот на социјално претприемништво. Претприемништвото според мене подразбира ПРОМЕНА и самата промена се случува со нас или поради нас. Тоа е она што ме мотивираше да ја започнам целата приказна со Sozdadi.com – промената. Мотивацијата е исто така една од клучните карактеристики кои се водичот за реализација на идејата на еден млад претприемач. Покрај Sozdadi.com, воедно сум и Претседател на Асоцијацијата за лидерство Скопје, а во моментот работам и како ментор во рамки на наградата за социјално претприемништво и на проекти кои се однесуваат на лидерство и младински иницијативи. Да се биде женско – социјален иноватор во Република Македонија, само по себе бара висок степен на емоционална интелигенција, со оглед да треба континуирано да веруваме во себе и својата визија, дури и кога се чини невозможно.

Работно.мк: Наслушнавме дека уште од порано си во хуманитарните води. Раскажи ни околу ова искуство.

Илина: Уште од основно училиште волонтирам во разни организации и работам на проекти кои вклучуваат маргинализирани групи на граѓани и улични животни, а потоа истото го преточив и во своја професија,  во моментот кога сфатив дека можам значително да придонесам за поголем социјален импакт, врз основа на досегашното знаење и искуство стекнато преку работење во сферата на социјална правда. Особено се гордеам со улогата на член и секретар во Lions клубот Лукс Етерна, кој неуморно и несебично работи кон организирање на хуманитарни настани, со цел помош онаму каде што е најпотребна.

Работно.мк: Како се роди идејата за платформата sozdadi.com?

Илина: Проактивноста и желбата за враќање нешто добро кон заедницата беа главните мотиватори за започнување со приказната наречена Sozdadi.com. Sozdadi.com  не ја гледам единствено како онлајн продавница, туку како локална заедница, која става акцент на зачувување на културата, иновација во поглед на промовирање на домашни производи и секако можност за видливост и пристапен маркетинг за сите оние кои не можат да си го дозволат тоа по регуларни цени.

Илина од sozdadi.com

Работно.мк: Која е промената која sozdadi.com цели да ја направи во општеството?

Илина: Sozdadi.com  е првата регионална заедница, која поврзува и се стреми кон поддршка на мали бизниси и домашно производство. Онлајн заедница во која секој добива еднакви можности да создаде се’ што ќе посака!

На Sozdadi.com може да се најдат сите домашни брендови, уникатни рачно изработени производи, како и регионални домашни производи на едно место.

Секој производител добива можност од своето хоби, она што со љубов го работат, да развијат сопствен бизнис преку евтин, а ефективен маркетинг и преку поддржување креативни проекти во рамки на платформата. Со купување и продавање на производи од Sozdadi.com помагаме на маргинализирани лица, кои имаат свое креативно хоби, и стануваме амбасадори во општествената борба за инклузија на пазарот на труд.

Од ваквата платформа и заедница ќе произлезат и ќе се развијат останати локални мали бизниси.

Илина од sozdadi.com

Работно.мк: Зошто социјалното претприемништво е важно за општеството, особено во земја во развој како што е Македонија?

Илина: Во една земја во развој, каква што е Република Македонија, секојдневно се соочуваме со голем број на општествени проблеми, за кои нужно е изнаоѓање на долготрајни и структурни решенија.

Работно.мк: Што според тебе е клучно за успех?

Илина: Јас не сум од оние кои сметаат дека успехот е предуслов за среќа. Напротив, сметам дека среќата е услов за успех. Доколку сме исполнети, опкружени со вистински пријатели и веруваме во себе и во својата мисија, успехот е загарантиран. Секако, за да бидеме успешни во нашата кариера, треба да имаме визија каде сме, каде сакаме да одиме и во кој правец да го развиваме нашиот бизнис.

Илина од sozdadi.com

Работно.мк:  Кои се твоите идни планови?

Илина: Пред се, како и секој млад човек, во прв план ми е да продолжам континуирано да учам и да се надоградувам, како приватно, така и кон остварување на своите професионални цели.

Работно.мк: Која е твојата порака до читателите?

Илина: Да бидат проактивни, да не се плашат да преземат иницијативи и да се грижат за себе и за својата околина.

loading...