Почетна Интервју Мила од Chill Play: Студент на Е-бизнис, музичар и иден маркетер

Мила од Chill Play: Студент на Е-бизнис, музичар и иден маркетер

СПОДЕЛИ

Мила од Chill Play, студира на Е-бизнис, пее од мали нозе, сака да работи како маркетер и е режисер во душа. Луѓето кои ја знаат за неа велат дека е мастер за менаџирање на времето. Ќе ја сретнете присутна насекаде, но е фокусирана на една цел: да му докаже на светот дека млада девојка може да биде повеќе од просекот.

Во разговор со неа дознавме дека омилена боја и е виолетова. Ако размислиме подобро тоа е бојата на креативноста, имагинацијата и мудроста. Мила си ја погодила бојата!

Покрај уникатниот моќен глас ќе ја препознаете и по уникатниот стил на облекување. Во шала дознавме дека „нејзинот плакар“ секогаш се грижи за неа.

Работно.мк:Беше палаво дете или дете кое играта знаеше да ја замени со развивање на креативноста и љубопитноста?

Мила:Кога бев мала морам да признаам дека мојте родители ми беа поттик за се. Да не беа тие можеби немаше да станам тоа што сум денес. Тие ми овозможија да почнам со музичко образование и исто така секогаш ми овозможуваа вонучилишни активности како тенис, одбојка, хор и нормално учење на странски јазик.

Затоа мислам дека уште од мали нозе врие енергијата во мене. Секогаш морам да ја исфрлам, да ја искористам, меѓутоа продуктивно.

И затоа за жал, многу кратко од моето детство играв на улица. Не е дека го немаше играњето, нормално, ама беше многу краток период.

Мила со сестра и Ангела
Мила со сестра и Ангела

Работно.мк:Спомена дека си снимала филмови. Раскажи околу тоа.

Мила:Се почна во основно образование кога за еден натпревар отворена беше областа за кино и видео техника. А јас бидејќи сум љубопитна и секогаш сакам да чепкам работи по детално, се пријавив. Ми беше предизвик да научам, да видам што се случува позади сцена. Си реков зошто да не пробам јас да го правам тоа.

Досега имам снимено неколку краткометражни филмови и сите се дел од некој натпревар. Едниот освои прва награда на републичко ниво. Во тие кругови запознав многу луѓе со уметнички дух кои ја разбудија уште повеќе креативноста во мене.

Работно.мк: Ќе продолжиме малку подоцна, односно ќе те распрашаме малку околу средното образование. Дали од таму датира желбата за Е-бизнис или беше одлука во последен момент?

Мила:Средно образование морам да признаам дека ми беше доста динамично бидејќи во тие денови покрај комбинирањето на филмот, музиката и дебатата,  влегоа и бизнис натпреварите.  Тие во мене го разбудија интересот за нови решенија кои ќе го подобрат секојдневниот живот.  Сигурна бев дека ќе студирам режија и активно ги разгледував сите опции околу мене.  Но во тој момент почнаа да ме интересираат нови работи. Кога истражував за факултетите кај нас го видов смерот е-бизнис и си реков ова дефинитивно ќе биде интересно. Како минуваат годините, се повеќе и повеќе се поврзувам со професијата и морам да признаам дека станувам неразделна.

Работно.мк: Колку што разбравме, зачетокот на бендот е во средношколските денови. Кој беше мотивот за негово основање? Дали се знаеше со Шилев од претходно?

Мила:Искрено се случи вака… Со Шилев се знаеме од претходно и Chill Play настана непланирано. Случајно се сретнавме на “Сопка„ – култното место позади Јосип Броз – Тито во Скопје. Во краток разговор сфативме дека двајцата не сме активни во бендови и првиот момент кога ни се појави шанса за свирка, се споивме. Така почна приказната на Chill Play.

На почеток бевме ние двајца со саксофонист. После толку години богати со многубројни настапи по локали и фестивали,  денес пријателите на Chill Play, достигнуваат до 7 луѓе. Покомпатибилно дуо за мене не постои, особено што Шилев ми е огромна поддршка за се.

Мила и Шилев
Мила и Шилев

Работно.мк:  Денес студираш на Е-бизнис и си прв вокал во Chill Play. Како ги менаџираш работите? Кое поле го сметаш за поуспешно? Дали си се нашла во ситуација кога мораш да одбереш помеѓу факултетот и бендот?

Мила: Пред се знам дека не смеам да губам време, треба да ми биде продуктивно искористено и да ги користам сите шанси. Никогаш не сакам да ги оставам работите во последен момент и ми се одвиваат постепено и распределено. Затоа секогаш гледам предметите да ги завршувам на колоквиуми и да можам да се посветам на двете полиња подеднакво.  Успехот е загарантиран доколку знаете како да ги држите полињата независни и избалансирани.

Работно.мк: Имате и авторска песна “I’m in love”. Како настана песната и кои се предизвиците и проблемите со кои се соочуваат македонските изведувачи?

Мила:Кога одлучивме да почнеме со авторска музика, за убав почеток, нашето првенче “I’m in love” ни е поклон од татко ми. Многу е потешко кога си млад и нов на пазарот. Луѓето од тебе бараат да се покажеш и да се докажаш, што е нормално, но квалитетот секогаш излегува на површина. Морам да признаам дека иако имаше многу предизвици и потешкотии, песната е доста успешна и ги освоивме сите телевизиски и радиски топ листи ширум земјата.

Работно.мк: Дај ни некој совет за добро менаџирање со време. На повеќето од нас тоа ни е повеќе од потребно.

Мила:Да, често луѓето ме прашуваат како постигнувам и дали воопшто спијам. Според мене спиењето не е главен фактор, туку полнење на “батериите„ со љубов, почит и поддршка од најблиските. Исто како лаптоп, доколку го рестартирате празен, нема да биде полн и спремен за работа, се додека не ја наполните батеријата. Пробајте и вие сигурно ќе функционира. Најголем притисок за менаџирање на моето време,  беше кога увидов дека се помалку имам време за излегување навечер, а забавата секогаш ја ставам на исто ниво со другите полиња.

Работно.мк:Се гледаш себе си како маркетер. Кои се твоите планови? Дали кога ќе почнеш да работиш планираш да се откажеш од музиката?

Мила: Според мене маркетингот на социјални медиуми е во голем подем, но бара многу посветеност, вештини и знаење.Во исто време,  доколку си љубопитен и вешт можеш сам да почнеш да работиш уште веднаш. Ми се роди голема љубов кон тоа, и веќе работам на тоа да бидам успешен маркетер. Нормално, пред се започнав со водење на фан страната на Chill Play.

Исто така многу ме заинтересира да ѕирнам позади хотелиерските услуги. Имав можност да бидам дел од креирањето на вебсајтот на Хотел Европа Скопје, исто како и ажурирање на нивниот Booking профил. Фотографиите кои може да ги забележите се изработени од Зачувај Момент. Во моментов цел ми е да станам најдобрата бизнис жена барем во регионот,за неколку години од сега. Патот до таму очекувам да го изодам со многу предизвици кои со отворени раце ќе ги прифатам. Секако дека нема да се откажам од музиката, таа ќе биде околу мене засекогаш и јас ќе се трудам да ја пренесувам на сите.

Работно.мк: За крај, што совет ќе им дадеш на младите луѓе?

Мила:Трошете ја својата енергија насекаде. Доколку гледате дека негативна енергија влегува во вас, бидете филтер кој потоа ќе ја шири на секој и секаде како позитивна.  Направете се што е потребно за да ги остварите вашите желби, бидејќи тие сами нема да можат да опстојат, исто како вас девојки ?.  Бидете инспирација за самиот себе и мотивација за другите.

И запомнете, ширете познанства колку што можете повеќе, нема ништо поубаво од богат круг на луѓе, никогаш нема да се чувствувате осамено.

 

Фото: Зачувај Момент
Локација: Хотел Европа Скопје
loading...