Почетна Претприемништво Христиан и Симеон од резервирај.мк: Од Прилеп и Демир Хисар до стартап...

Христиан и Симеон од резервирај.мк: Од Прилеп и Демир Хисар до стартап во Скопје

СПОДЕЛИ

Резервирај.мк е успешна приказна за четворица млади луѓе: Христиан Илиоски, Симеон Здравески, Никола Кусибојоски и Васко Техаров. Платформата е нов и иновативен начин за сигурна и брза резервација на маса во омилените локали за посакуваните настани.

Интересно за нив е што доаѓаат од различни градови, а живеат и работат во Скопје. Патот кон знаење ги донел сите во Скопје. Како тим постојат подолго време, но идејата за платформата ги прави посебни.

После многу учење и посетување на различни курсеви, Христиан и Симеон, ќе ни раскажат како е да се биде претприемач во Скопје.

Тимот кој стои позади платформата, се вика SolutionsBit. Раскажете како се запознавте, кој беше иницијатор да почнете да работите заедно и кој каква улога има во тимот?

Христиан: SolutionsBit постои како тим уште од 2012 година со нашиот упис на факултет. Под ова име функционираме од Јуни 2016 година. Во суштина факултетот беше тој што не спои уште од првиот семестар каде едноставно видовме дека можеме да функционираме како тим. За потоа и да почнеме да заземаме учество на различни натпревари кои беа од наш интерес.

Првиот наш заеднички настап беше на Студентски Хакатон кој беше организиран од страна на Младински образовен форум. Како прво и големо искуство ни помогна да се докажеме во наредните натпревари од сличен карактер.

Следни беа Codefest 2015 година и Codefest 2016 година кои за нас можам да кажам дека се најзначајните случувања, кои буквално ни го променија животот. Особено Codefest 2016 година каде освен главната награда, прво место на хакатонот освоивме уште 3 други награди во различни категории. Се надевам дека моите колеги ќе се согласат дека јас отесекогаш сум бил „најгласниот“ член во тимот кој цело време зборува за учество на вакви натпревари. ?

Кога сме кај улогите во тимот, бидејќи сите сме софтверски инженери тешко беше да се одлучиме кој член за што ќе биде задолжен но некако успеавме да ги разделиме одговорностите. Моментално јас сум одговорен за техничкиот (софтверски) дел, организацијата и архитектурата на софтверското решение кое го развиваме, Никола е програмерот кој е задолжен за бекенд делот на апликациите заедно со Симеон кој исто така е одговорен за серверската архитектура и секако за се она што го гледаат нашите корисници односно фронтенд делот, главната улога ја има Васко.

Тимот на резервирај.мк
Тимот на резервирај.мк

На почетокот сте имале друга идеја. Како се сменија работите и како стигнавте до идејата за резервирај.мк?

Симеон: Идејата со која победивме на Codefest 2016 беше сосема различна од онаа што ја реализиравме во стартап. Имено  првичната идеја беше поврзана со домашно приготвена храна која би се донирала и продавала но поради законските регулативи поврзани со храната бевме спречени да ја развиеме. Во тој момент се запрашавме кога веќе имаме шанса да создадеме продукт зошто да се ограничиме само на таа идеја кога може да создадеме нешто за кое би немале законски препреки. На на тој начин како идеја која и претходно ја имавме дискутирано се одлучивме да ја развиваме идејата поврзана со резервација на маси во локалите. Откако идејата се преточи во продукт на 15 ноември 2016 година тој продукт беше претставен пред јавноста како Резервирај.мк, кој од тогаш е новиот иновативен начин и ваш партнер за правење на брза, сигурна и лесна онлајн резервација.

Симеон Здравески
Симеон Здравески

Вие сте дел од Акселераторската програма во Impact Hub Skopje, поддржано од CEED Македонија. Кои се условите кои еден стартап треба да ги исполнува за да биде дел од ваква програма? Кое е вашето искуство и што добивте со тоа што сте дел од програмата.

Христиан: Да, бевме дел од Акселераторската програма на Impact Hub Skopje но тоа ни беше една од наградите кои ги освоивме на Codefest 2016година. Бидејќи Imact Hub Skopje има често отворени повици за стартапи кои сакаат да учествуваат во оваа програма, едноставно се што треба да направите е да имате добра идеја и желба за нејзина реализација. Програмата помага при развивањето на вашиот продукт со тоа што се посветува повеќе внимание на бизнис аспектот на продуктот, односно кои се начините за заработка, кои се потрошувачите, како да им се пристапи и слично.

Би ги повикал сите оние кои имаат некоја идеја да се пријавуваат на ваквите програми и секако најбитното нешто е да не се плашат да ја споделат идејата со останатите, затоа што никој не ја живее идејата како што ја живее оној кој ја има, и само може да добиете одличен фидбек од луѓето околу вас кој ќе ви помогне да не направите грешка при реализацијата.

Христиан Илиоски
Христиан Илиоски

Покрај резервирај.мк, како тим работите и на други проекти, раскажете ни малку за тоа. 

Симеон: Како тим кој работеше на развивање на идејата за Резервирај.мк добивме понуда од Петар Ниновски основач на Brainster кој имаше идеја за веб апликација на кој ќе се објавуваат огласи за работа и пракса од 6 категории и на која секој  кој би бил заинтересиран за некоја од нив би можел да остави е-маил. Потоа сите најнови отворени работни позиции ќе стигнуваат во неговото е-маил сандаче. Идејата како таква ни се допадна и се одлучивме да ја развиеме, а резултатот на сето тоа е веб апликацијата Brainster kariera.

Работите во Сеавус Инкубаторот што е еден вид на Co-working простор. Какво е искуството?

Христиан: Доколку некој размислува да развивва идеја и да прави продукт, единствено што треба да направи е да посети еден од co-working просторите во нашата земја. Можам да кажам дека искуството е незаменливо, во смисла на сите контакти кои ги стекнувате во текот на работата и престојот во таков простор. Таму има луѓе кои размислуваат слично на тебе и едноставно можеш преку максимум двајца луѓе што се околу тебе да стигнеш до податокот што те интересира. Би препорачал на сите кои моментално седат дома и ги развиваат своите идеи во изолирана околина да го променат нивниот начин на работа со што би биле повеќе продуктивни отколку што би биле во таква изолирана средина.

Кое е вашето мислење за стартап сцената во Македонија?

Христиан и Симеон се согласија: За стартап заедницата во Македонија имаме само пофални зборови бидејќи постојат навистина одлични стартапи кои работат тука во Македонија и безусловно помагаат на останатите „помлади“ стартапи од нив. Нашето искуство го покажува тоа. До сега сме побарале совети од многу влијателни стартап лица во Македонија кои ни излегле во пресрет и ни помогнале во развивањето на нашиот продукт. Без нив веруваме дека Резервирај.мк немаше да биде она што е денес.

Кои совети ги имате за идните претприемачи:

Сите оние кои имаат некаква идеја која ја чуваат во нив или им стои во некоја од фиоките на нивното биро, да се охрабрат и да ја споделат идејата со луѓето околу нив, со тоа ќе добијат фидбек и валидација на она што го смислиле. Единствениот начин да бидеш претприемач е да се охрабриш и да се стремиш идејата да стане реалност. Затоа превземете ризик, вложете од вашето време што поскоро во она што верувате и направетего вашиот сон – реалност. И за крај би сакале да споделиме една од нашите омилени мисли:

“Личност која никогаш не згрешила, всушност не пробала нешто ново.„ – Албер Ајнштајн, физичар.