Почетна Претприемништво Билјана и Јане од hranazasite.mk ја раскажуваат својата старт – ап приказна

Билјана и Јане од hranazasite.mk ја раскажуваат својата старт – ап приказна

СПОДЕЛИ

Билјана и Јане се „срамежливи“ луѓе, ако зборувате со нив дефинитивно ќе ве инспирираат. Имавме среќа да ги запознаеме и да ги прашаме за нивните животи. Едно долгогодишно пријателство се развива во успешна старт-ап приказна. Од нив дознавме дека секое утро учат нови работи и секој ден им е поинаков.

Работно.мк: Кој е тимот позади hranazasite.mk?

Билјана:  Тимот на Храна за сите се состои од три члена со различни профили: Јане  Заевски – финансии и проектен менаџмент, Билјана Макревска – инженер во областа на животната средина и Маја Костовска – правник кој работи во полето на екологијата. Тоа што доаѓаме од различни професии, ни го прави секојдневното работење динамично и креативно.

hranazasite.mk

Работно.мк: Како се роди идејата?

Јане: Сé започна пред две години, каде што преку програмата Work and travel работев во еден поголем ресторан во Америка. Преку ова искуство се соочив со количината на фрлена и неискористена храна, која залудно завршува во кантите за отпадоци. Најпрвин помислував дека тоа е проблем само во Америка, и кој се случува само поради незаинтересираноста на населението и на изобилието на ресурси со кои располагаат. Но, кога се вратив дома, започнав да му обраќам сé повеќе внимание на овој проблем и да ги забележувам полните контејнери со фрлена храна. Покрај домаќинствата тоа се случува и кај угостителските објекти. Решив да превземам нешто и таа првична желба како економист ја преточив во бизнис план. Аплицирав на натпревар за претприемништво и спонтано во процесот тимот се прошири со моите блиски пријателки Маја и Билјана со кои продолживме да ја развиваме оваа социјална бизнис идеја.

Работно.мк: Со кои предизвици се соочуваат старт-апите во Македонија?

Јане: Работата на старт-апите во Македонија е полна со неизвесности, започнувајки од потешкотиите за обезбедување на податоци при истражувањето на пазарот, но и обезбедување на почетен капитал.  Не доволно организираната институционална поддршка во почетните фази од развојот е дополнителен предизвик. На тоа може и да се додаде неизвесноста која резултира од ад хок менување на закони и различни административни и технички законски пречки кои ги демотивираат претприемачите и го отежнуваат патот тие да се фокусираат на клучните активности.

hranazasite.mk

Работно.мк: Што претставува социјалното претприемништво за вас и која е неговата важност за општеството?

Јане:  За мене социјалното претприемништво претставува детектирање на одредени социјални и еколошки недостатоци во општеството и нивно решавање преку употреба на бизнис модел кој ќе создаде одржливост. Со други зборови правење на нешто добро за општеството – при што тоа „нешто“ содржи бизнис компонента  за постигнување на повисоки вредности.  За жал социјалното претпријатие како форма сеуште не е доволно третирано во македонската економија, иако  секоја година во Европската унија 1 од 4 ново основани претпријатија е социјално и ваквата форма вработува повеќе од 11 милиони работници.

Работно.мк: Што претставува hranazasite.mk?

Билјана: “Храна за сите” претставува (last minute) платформа изразена во форма на веб-страна а понатаму и мобилна апликација која ќе овозможи да се информирате и купите готвена храна која што угостителските објекти сметаат дека нема да ја продадат во текот на денот.  (за цена пониска и до 80% од редовната )

hranazasite.mk

Угостителските објекти ќе се регистрираат на нашата платформа и ќе објавуваат опис на храната која што не успеале да ја продадат во текот на денот, цена и временски период во која истата може да се подигне. На потрошувачите ќе им биде понуден преглед на сите понуди и по изборот тие ќе треба да ја резервираат со платежна картичка и ја подгинат во предвидениот временски период.

Дополнително ќе имаме систем на донациии во средства кои што ќе бидат намените за оброци токму за најзагрозените ранливи категории на граѓани.

Работно.мк: Тимски освојувате многу натпревари а моментално сте во финалето на Social Impact Award. Раскажете ги вашите искуства.

Јане:  Првиот натпревар беше отскочна даска и признанието ни беше дополнителен потик, станува збор за натпревар кој беше во склоп на циклусот на обуки за претприемништво организиран од Младинскиот образовен форум.  На крајот на обуките ни беше доделено ментор, Игор Изотов чија што помош и експертиза ни се од непроценливо значење. Игор ни помогна ( и сеуште многу ни помага) да го одржиме фокусот и да ја насочиме идејата кон развивање во вистинската насока.
По овој натпревар, ја имавме честа да бидеме и меѓу трите национални финалисти од 37  пријавени идеи на натпреварот Филантропија на зелени идеи организиран од АРНО. Оваа победа ни овозможи учество на балканскиот натпревар за зелени идеи во Црна Гора, каде од вкупно 18 национални балкански идеи нашата беше победничка и препознаена од стручното интернационално жири. Би сакал и да им се заблагодарам на АРНО за одличната организација и поддршка низ целиот процес.
Покрај Филантропија на зелени идеи, ова лето започна и Social Impact Award 2017 каде сме избрани меѓу десетте финалисти.

hranazasite.mk

Работно.мк: Кои активности заеднички ги остварувате за да ја подобрите мотивацијата на тимот?

Билјана: Бидејќи сме по природа авантуристи, заеднички трчаме на кеј, возиме точак низ градот и искачуваме планински врвови. Тука не изоставуваат и посетите на разни обуки и семинари за стекнување на нови знаења.

Работно.мк: Дали е предност или недостаток за бизнисот тоа што вие сте другари уште од средношколските денови?

Билјана:  Тоа ни овозможува да ги познаваме меѓусебните способности, како и да си помогаме при решавање на задачите.  Пријатно е чувството да се работи со тим на кој му веруваш, тоа ти дава повеќе мотив и желба за работа.

Работно.мк: Што им препорачувате на младите луѓе?

Јане / Билјана:  Да останат искрени кон себеси , и секогаш отворени за да научат нешто ново. Да работат напорно и да не се откажуваат од своите соништа , дури и кога никој друг освен самите тие не веруваат во нив.

hranazasite.mk

 

loading...